Агенцијата за храна и ветеринарство во текот на утрешниот ден треба да достави информација за безбедноста на водата за Куманово, соопштија денеска од Јавното претпријатие „Водовод“ и Центарот за јавно здравје Куманово. Оттаму велат дека дотогаш водата треба да се користи како техничка и не е за пиење. Институциите очекуваат утре да ја имаат информацијата и да ја соопштат на јавноста.

- Центарот за јавно здравје Куманово последните мостри ги зеде од десет различни локации во градот на 27 мај годинава. Резултатите треба да ги објави Центарот за јавно здравје и да ги потврди Агенцијата за храна и ветеринарство, ако ги задоволуваат вредностите и параметрите за вода пиење. Дотогаш водата треба да се користи како техничка, изјави директорот на ЈП „Водовод“ Оливер Стојмановски.

Кумановци сè уште купуваат вода за пиење. Претходно, Центарот за јавно здравје зеде мостри за испитувања во неколку наврати. На 21 мај, годинава надлежните институции ја информираа јавноста дека водата е заматена поради обилните дождови во Липковско каде што имаше интензивни врнежи од град и дожд. Таму се сместени браните Глажња и Липково од каде што доаѓа водата до ЈП „Водовод“ која по обработка се дистрибуира до населението.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2024 04:32