На спортскиот аеродром Аџитепе, Куманово, утре ќе се одржи првиот собир на автомобили, соопштија денеска организаторите, клубовите „Тјунингславија“ (Tuningslavia) и „ИлегалХантерс“ (Ilegal Hunters). На Аџитепе се очекува да се презентираат околу 500 автомобили. Влезот за посетителите е бесплатен.

- Сега за сега подготовките течат во најдобар можен ред, благодарение на сите спонзори и поддржувачи се подготвуваме во сабота да направиме нешто спектакуларно во оваа област. Според пријавите и најавеното, очекуваме повеќе од 45 клуба со по неколку членови плус стотина поединци од Македонија и од соседните држави, изјави Борис Стефановски, од „Илегалхантерс“.

Кумановци и посетителите од државата ќе имаат можност да разгледаат различни спортски и луксузни изложбени примероци кои ќе се натпреваруваат во повеќе категории, модели од 60-те години па сè до најновите модели. Учесниците ќе се натпреваруваат во 17 категории почнувајќи од сочувано возило во тотална фабричка состојба, сè до екстремно модифицирано возило, како и посебни категории за германски, јапонски и европски автомобили, категории за најниски возила.

- Многу интересно е тоа што ќе имаме и дрифт зона, каде љубителите на адреналинот ќе уживаат и ќе се забавуваат со нешто што не може да се види секој ден, вели Стефановски.

Организаторите очекуваат настанот да прерасне и од национален на балкански, а потоа и европски. Собирот почнува во 10 часот и ќе трае до 20 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2024 20:23