Во Кавадарци гимназијалците на креативен начин се борат против сајбер насилството, информираа денеска од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.
- Поради се поголемата дигитализација и употреба на социјалните мрежи, учениците се повеќе стануваат потенцијални жртви на сајбер насилство. Токму поради оваа причина ученици од ова училиште преку изработување на краток филм „Насилството има ново лице-сајбер насилство“и брошури на истата тема, на креативен начин се потрудија да ја зголемат свеста кај учениците за овој вид на насилство и да ги потенцираат начините на превенција и похуманиот однос меѓу соучениците, соопштија од кабинетот на Јанчев.
Оттаму појаснија дека учениците работеа под менторство на професорките Наташа Матакова, Марија Добринова и Стефанија Костадинова, а оваа иницијатива е дел од проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ на Коалиција на младински организации СЕГА, Смарт Ап-лабараторија за социјални иновации, Македонски центар за граѓанско образование и Прва детска амбасада „Меѓаши“, поддржан од детската фондација Песталици.
Димитар Каракулев, со долгогодишно искуство на полето на превенција, како поранешен инспектор за превентивни активности и поранешен претседател на општинскиот Совет за превенција од малолетничко престапништво, рече за МИА дека превентивните проекти се многу значајни за превенција од секаков вид на насилство и различни други евентуални девијантни однесувања кај младите.