Во Струмица, во Амфитеатарот, вечер по трет пат ќе се одбележи Денот на македонско-италијанското пријателство. Настанот е во организација на Општина Струмица, Амбасадата на Република Италија во нашата земја и Здружението за промоција на италијанскиот јазик и култура „Quo Vadis Ad Astra“.

Според најавата од организаторите предвидена е богата културно-уметничка програма со едночинката „Струмичанца-Пјаченца“ во изведба на драмската секција од СОУ „Димитар Влахов“ од Струмица, по сценарио на Ѓорги Калајџиев, а во режија на Танкица Стојанова, како и настап на познатиот италијански а капело бенд „Мезотоно“. Ќе настапи и Училишниот хор на Гимназијата „Јане Сандански“, а професорот Митко Тошев од ова средно училиште заедно со негови ученици ја украсија сцената во Амфитеатарот.

На настанот се очекува да присуствува амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, вице амбасадорот Марио Де Роза, а гостите и учесниците ќе ги поздрави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/06/2024 17:59