Околу 50 дечиња се на листата за чекање за упис во штипските детски градинки. Раководителката на Секторот за образование во Општина Штип, Снежана Санева денеска изјави дека ова се должи на малите капацитети на детските градинки, но и недостаток на кадар. Над 40 работни места се испразнети во детските градинки по основ на пензионирање, а веќе две и пол години не се вработуваат ниту наставен, ниту технички кадар.

-Општината во иднина планира проширување на капацитетите, да се изгради нова детска градинка и секако се надеваме дека министерството ќе излезе во пресрет и ќе ги даде потребните дозволи за прием на нов кадар, кој ќе работи со дечињата, бидејќи мораме да нагласиме во последните две и пол години не беа дадени, ниту една согласност за вработување на кадар, којшто ни е неопходен во градинките, покрај тоа што голем дел од вработените заминуваат во пензија, меѓутоа местата не се пополнуваат. Така што директорите имаат проблеми да менаџираат со постоечкиот кадар, вели Санева.

Забележува дека законската регулатива не дозволува формирање на поголеми групи, кај помалите дечиња.

-Децата до една година можат да бидат во група од шест до осум дечиња. Дечињата коишто се над пет годишна возраст можат да бидат во групи од 20 деца, меѓутоа малите бараат посебни услови и креветчиња, каде што ќе бидат сместени. Апсолутно тука сме немоќни да направиме нешто повеќе и да го зголемуваме бројот, вели Санева.

Општина Штип пред извесно време преадаптираше дел од училниците во подрачното училиште во приградската населба Три Чешми за згрижување на дечиња од претшколска возраст, но се уште не се добиените дозволи за пуштање на овој капацитет. Санева вели се надеваат дека од септември веќе ќе бидат завршени сите работи.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/06/2024 00:57