Холандија е последниот полуфиналист на Европското фудбалско првенство, откако вечерва во возбудливо четвртфинале во Берлин ја совлада Турција со 2-1 (0-1).
Самет Акајдин ја донесе Турција во водство во 35 минута, а Арда Ѓулер на средина од второто полувреме пропушти голема шанса да го удвои водството, откако неговиот удар ја погоди стативата.
Казната дојде на спротивната страна во 70 минута кога Стефан де Вриј го израмни резултатот.
Само шест минути подоцна Холандија дојде до целосен резултатски пресврт со автоголот на Мерет Мулдур.
Завршницата на дуелот на Олимпискиот стадион во Берлин беше драматична во која Турција не успеа да реализира ниту една од многуте колосални шанси и да го однесе натпреварот во продолженија.
Холандија во полуфиналето ќе игра против Англија в среда.
Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Франција и Шпанија.