Француската фудбалска репрезентација по четврти пат се пласираше во полуфинале на последните пет големи турнири, но, сепак критиките за играта на „триколорите“ не стивнуваат.

Франција стигна до полуфиналето во Германија постигнувајќи на пет натпревари само три голови – Килијан Мбапе реализираше од пенал, заедно со два автогола.

„Ако не ви се допаѓа како играме, тоа е ваш проблем“, изјави францускиот напаѓач Усман Дембеле, кој смета дека не е се така негативно.

„Создаваме шанси, но не можеме да ги реализираме“, додаде тој.

Следен француски противник е Шпанија, која на патот до полуфиналето забележа четири победи во регуларните 90 минути и една по продолжение со 11-2 гол – разлика.

„Шпанија е најдобрата репрезентација, без сомнение. Треба да му се честита на тимот на Луис де ла Фуенте, а ние ќе се бориме како и секогаш“, изјави францускиот стратег Дидие Дешамп



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2024 16:08