Во заедничката декларација усвоена на Самитот на НАТО во Вашингтон, помеѓу другото се наведува дека Алијансата ќе остане силно посветена на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, регион „од стратешко значење за Северноатлантската алијанса“.

- Ќе продолжиме да го подобруваме политичкиот дијалог и практичната соработка со Западен Балкан со цел да ги поддржиме реформите, регионалниот мир и безбедност и да се спротивставиме на малигните влијанија, вклучувајќи дезинформации, хибридни и кибер закани, претставени од државни и недржавни актери, се истакнува во декларацијата.

Во документот се додава дека демократските вредности, владеењето на правото, домашните реформи и добрососедските односи се од витално значење за регионалната соработка и евроатлантските интеграции и дека се очекува континуиран напредок на тој план.

Во декларацијата, исто така, се наведува дека НАТО останува посветен на континуиран ангажман на Западен Балкан, вклучително и преку Косовските сили (КФОР).

На Самитот во Вашингтон, лидерите на земјите-членки ветија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина на „неповратниот пат кон целосна евроатлантска интеграција, вклучително и членство во НАТО“ и најавија помош од 40 милијарди евра во текот на следната година. Тие апелираа до Кина да престане да ја поддржува Русија во војната против Украина.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2024 17:40