Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Косово изрази загриженост во врска со некои од аспектите на новиот закон за Независната комисија за медиуми (КПМ), кој беше денеска усвоен од страна на Собранието на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Преку соопштение за медиумите, ОБСЕ ја критикува владејачката партија, Движење самоопределување, која ја предводи премиерот Албин Курти, затоа што нејзините пратеници го изгласаа законот кој е изработен без да се земат предвид забелешките на меѓународните експерти.
ОБСЕ нагласува дека препораките се дадени од меѓународни експерти во име на Советот на Европа, ЕУ и ОБСЕ, а се однесуваат на усогласувањето на законот со стандардите за слобода на говорот.
- Главните препораки на експертите кои не беа земени предвид ја одразуваат загриженоста за новите одредби кои ќе имаат влијание врз составот, улогата и одговорностите на КПМ, како и врз процедурите за избор на нови членови и условите на служење за избраните. Не беа земени предвид ниту препораките за улогата и одговорностите на КПМ за време на изборните кампањи, се наведува во реакцијата.
ОБСЕ исто така наведува дека проширувањето на надлежностите на КПМ врз социјалните медиуми и недостатокот на јасни критериуми за блокирање на штетни содржини „предизвикува загриженост за пропорционалноста и има импликации врз слободата на изразување“.
Меѓународните експерти, се наведува во соопштението, ги доставија своите коментари и препораки во обид да се осигура дека овој нов закон не само што ќе ги одрази меѓународните стандарди и најдобри практики, туку и ќе служи на целта - да се зајакне Независната комисија за медиуми и да се зачува мошне важната независност на тоа тело.
Мисијата на ОБСЕ вели дека продолжува да го поддржува Косово со посветеност во усогласувањето на неговото законодавство со највисоките меѓународни стандарди.
Во соопштението се нагласува и дека е важно новоусвоениот закон да биде подложен на сеопфатен преглед, при што треба да се земат предвид и ставовите на косовските и меѓународните експерти.
- Од наша страна, ние сме подготвени, како и секогаш, да го поддржиме КПМ со стручни совети и градење капацитети, порача Мисијата на ОБСЕ на Косово.
Пратениците на Собранието на Косово денеска со мнозинство гласови го усвоија новиот Закон на КПМ.
Предлог-законот за кој станува збор наиде на бројни критики од внатрешниот, но и од меѓународниот фактор