Уставниот суд на Србија денеска ја соопшти официјалната одлука со која ја укина владината уредба и ја стави вон сила забраната за истражување и ископ на литиум во долината Јадар кај Лозница, со што повторно се отвори патот на компанијата „Рио Тинто“ во Србија за реализација на проектот за експлоатација на минералот јадарит „Јадар“, јави дописникот на МИА од Белград.

Пред Уставниот суд утрово се одржа протест на еколошки активисти на повик на здружението „Не го даваме Јадар“ кое се бори против отворањето на рудникот. Повод за протестот беше седницата на Уставниот суд на која се разгледуваше уставноста на владината уредба.

Саво Манојловиќ од движењето Крени-промени на својот Х профил објави дека Уставниот суд донел одлука за неуставноста на уредбата, што потоа самиот Уставен суд ја соопшти.

Компанијата „Рио Тинто“ соопшти дека нема сознанија оти Уставниот суд на Србија ја укинал владината Уредба за укинување на проектот „Јадар“, посочувајќи дека не коментираат судски постапки што се во тек.

- Како што веќе наведовме, откако Владата на Србија го поништи просторниот план за специјалната намена на проектот Јадар, компанијата „Рио Сава Експлорејшн“ ги искористи достапните правни средства согласно прописите на Република Србија, се наведува во писмениот одговор на „Рио Тинто“.

Златко Кокановиќ од здружението „Не го давамемо Јадар“ рече дека одлуката на Уставниот суд за укинување на владината уредба за поништување на просторниот план за проектот Јадар, во голема мера била очекувана, а еколошките активисти и граѓаните сега ќе се борат за усвојување закон за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.

Пред повеќе од две години, Владата на Србија, на чело со тогашната премиерка Ана Брнабиќ, го стопираше проектот по масовните протести и ги откажа лиценците на австралискиот рударски гигант „Рио Тинто“.

Но, на 22 јуни 2024 година, Брнабиќ изјави дека би било „ненормално“ доколку Србија се откаже од ископувањето литиум и дека земјата има строги и високи стандарди за заштита на животната средина.

Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека рудникот би можел да биде отворен во 2028 година.

Мултинационалната компанија „Рио Тинто“ имаше намера да отвори рудник за литиум во долината на реката Јадар во западна Србија.

Таму во 2004 година оваа компанија ја откри рудата „јадарит“ - комбинација од литиум и бор, а резервите на овој метал на светскиот пазар во Србија се проценуваат на над 158 милиони тони



Автор: Администратор
Објавено на: 12/07/2024 05:44