Фудбалерите на тетовска Шкендија загубија вечерва од ерменски Ноах на гостински терен со 2-0 (0-0) во рамки на првиот натпревар од воведното квалификациско коло во Конференциската лига.
Македонскиот тим го одржуваше почетниот резултат до завршните десет минути кога Ноах постигна два гола и дојде до убедлива предност пред реваншот во Скопје.
Португалецот Грегорио му донесе предност од 1-0 на ерменскиот состав во 81 минута, а конечниот резултат го постави српскиот интернационалец Александар Миљковиќ во 90 минута.
Реваншот е на програмата идниот четврток на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Победникот од овој дуел во второто квалификациско коло во Конференциската лига ќе игра против Слиема од Малта.
Натпреварите од второто квалификациско коло се на програмата на 25 јули и 1 август.