Албанскиот премиер Еди Рама ќе учествува на Самитот на европските лидери, што следната недела ќе се одржи во Велика Британија, со фокус на Украина, безбедноста и демократијата, јави Топ чанел.
-Покрај државите од ЕУ, поканети се и земји кои не се членки, вклучувајќи ги Норвешка, Исланд, Грузија, Косово, Србија, Албанија и Турција. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој не присуствуваше на претходните самити, се уште не го потврди своето учество, додава телевизијата повикувајќи се на „Гардијан“.
Конференцијата во четврток е четврти состанок на Европската политичка заедница, инициран по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, на идеја на францускиот претседател Емануел Макрон.
Се смета за „многу значајна“ можност за новиот британски премиер Кир Стармер не само да биде домаќин на 50 европски лидери, туку да ја врати довербата во Обединетото Кралство и да му покаже на светот дека „земјата се враќа на меѓународната сцена по години на штета на угледот предизвикан од Брегзит".
-Како домаќин Стармер ќе зборува на воведната пленарна сесија, која ќе се одржи во една од салите во палатата Бленхајм, родното место на Винстон Черчил. Се очекува тој да ја нагласи посветеноста на Обединетото Кралство кон Украина и Зеленски и да ги обнови односите на земјата со ЕУ по Брегзит, пренесува Топ чанел.
Тој деновиве изјавил дека „Европа се соочува со еден од најголемите предизвици на нашето време".
Безбедноста ќе биде засилена со ограничувања на воздушниот простор над палатата Оксфордшир помеѓу 14 и 18 јули. Полициски беспилотни летала и полициската воздушна служба ќе спроведат ограничен воздушен простор.