Воздухопловната база Ѓадр, на 50-годишнината од создавањето, повторно е ставена во функција, со полетувањето на новите хеликоптери „УХ-60 Блејк хак“ (UH-60 Black Hawk) првпат со албански пилоти.

За време на свеченоста командантот на воздухопловните сили, генерал Фердинанд Димо, го истакна историското значење на базата.

- Овој датум го означува создавањето на еден од најважните објекти за тогашна заштита. Во оваа база посветено работеа војници, пилоти и техничари, извршувајќи летови и служејќи далеку од своите семејства за одбрана на земјата. Денес, кога се развиени безбедносни концепти, ревитализацијата на базата ќе обезбеди нова инфраструктура за обука на екипажот за летање на хеликоптер и за основна обука на нови пилоти, рече генерал Димо.

Пред точно 50 години двајца пилоти од аеродромот „Ринаси“ во Тирана, Хаки Јупаси и Серафин Шегани, првпат слетале на новоизградената писта на аеродромот Ѓадр со суперсонични авиони МИГ-19 и МИГ-21.

Оваа база, која беше напуштена, стана оперативна за летање со најновите и најмодерни хеликоптери на воздухопловните сили, а два хеликоптери „УХ-60 Блејк хак“пристигнаа во Албанија во јануари годинава, како прва нарачка поддржана со над 50 милиони долари од американските фондови за помош.

Новите хеликоптери ќе помогнат во зајакнувањето на способностите на воздушните сили на Албанија и способноста за спроведување медицинска евакуација, мисии за пребарување и спасување, како и поддршка на логистичките движења на НАТО за операции и вежби.

Инаку, на почетокот на март годинава беше инаугурирана целосно реконструираната воздухопловна база во градот Кучово, што е прва ваква база на НАТО во Западен Балкан. Околу 50 милиони евра се инвестирани од НАТО, а повеќе од пет милиони евра од албанската Влада.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/07/2024 18:32