Претседателот Александар Вучиќ денеска во Каиро изјави дека со египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси разговарал за сите важни геополитички прашања, но и дека е договорена соработката на воено ниво, јави дописникот на МИА од Белград.
Што се однесува до војската, тој најави дека до крајот на годината специјалните единици на Египет ќе дојдат во Србија, каде заедно со српската војска ќе одржуваат вежби, ќе тренираат и ќе се дружат.
Српскиот претседател кажа дека разговарале и како да се зголеми трговската размена меѓу двете земји, како и размената на услуги.
- Потврдивме дека имаме заеднички позиции за важни геополитички прашања и она што е најважно дека потпишавме договор за слободна трговија, така што ќе имаме 30,5 отсто од индустриските производи што ќе можеме да ги извезуваме од Србија веднаш по ратификацијата на договорот без никакви царини и 87 проценти од нашите земјоделски производи кои ќе можеме без царина или значително либерализирани да ги извеземе, рече Вучиќ.
Тој кажа и дека Србија работи заедно со Унгарија и има три заеднички претставништва во светот, пред сè поради намалувањето на трошоците и дека со унгарскиот премиер Виктор Орбан се договорил двете земји да покриваат 80 до 90 проценти од Африка со заеднички и индивидуални дипломатски претставништва, како и да се формира заедничко претставништво за надворешна трговија