Советот на ЕУ објави дека одобрил доделување 13 милиони евра за вооружените сили на Албанија. Средствата се од доделениот буџет за поддршка на мирот, од кој се обезбедува и помош за вооружување на Украина, јавија албанските медиуми.
Во соопштението се истакнува дека сумата што и е доделена на официјална Тирана ќе биде искористена за набавка на оклопни транспортери.
-Помошта е наменета за подобрување на способноста на Албанија да учествува во заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, вклучително и во мисиите, операциите и меѓународните коалиции. Во областа на безбедноста, Албанија е сигурен партнер, земјата е кандидат за влез во ЕУ, истакнал високиот европски претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, цитиран во соопштението.
Според него, Албанија целосно ги спроведува европските надворешно-политички одлуки, што е знак за јасниот стратешки избор на балканската земја.