Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер, рече дека посветеноста на САД кон народот на Косово е „силна и железна како и секогаш“, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната прес-конференција за време на престојот во Ѓаковица, Ховениер истакна дека не е тајна оти американската влада, заедно со други партнери, имаат одредена загриженост за некои од политичките одлуки на Владата на Албин Курти.
- Ќе го кажам тоа што отсекогаш сум го кажувал. Посветеноста на САД кон народот на Косово е силна и железна како и секогаш. Затоа сум денеска овде во Ѓаковица. Но, тоа не значи дека се согласуваме со секое решение донесено од секоја влада на Косово. И веќе не е тајна дека мојата влада, заедно со некои од партнерите со кои работиме, имаат одредена загриженост за некои политички решенија што ги донесе Владата на Курти и кои го спречуваат она што сакаме да го постигнеме за Косово, рече Ховениер, додавајќи дека се надева оти соработката во иднина ќе биде што поблиска за „кога има тешки прашања да се најдат можности полесно да се оди напред“.
Ховениер зборуваше и за законите кои неодамна беа одобрени во Собранието на Косово, конкретно за Законот за Независната комисија за медиуми (КПМ) и оној за Обвинителскиот совет на Косово (КПК), а кои наидоа на остри критики, како од домашните експерти, така и од претставниците на меѓунаордната заедница.
Тој рече дека владата на САД го советува Косово законите што ги усвојува Собранието на Косово да бидат во согласност со европските норми.
Американскиот дипломат изјави дека по усвојувањето на законите за КПК и КПМ разговарал со владини претставници.
- Имав можност да разговарам со владини претставници. Разбирам дека има силни чувства за тоа дали законите се во согласност со европските норми или не. Наш совет е да се погрижиме секое законодавство да е во согласност со европските норми, затоа што природно мислиме дека Косово треба да биде членка на ЕУ и НАТО. Затоа сметаме дека не е многу паметно да се усвојат овие предлог закони за кои европски организации кажаа дека не се во согласност со европските норми, додаде Ховениер.