Министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис на одделни средби во грчкото МНР, денеска ги информираше лидерите и претставниците на партиите што се дел од Парламентот за темите поврзани со надворешната политика, јави дописничката на МИА од Атина.
Герапетритис се сретна со лидерите и претставниците на СИРИЗА, ПАСОК, Комунистичката партија, Нова Левица, Грчко решение, Победа и Спартанци, додека пак утре ќе се сретне со лидерката на Курс на слобода.
Од опозициската СИРИЗА по средбата на лидерот на партијата Стефанос Каселакис, неговиот дипломатски советник Димитрис Папагеоргиу и надлежната за надворешна политика Рена Дуру со шефот на дипломатијата, соопштија дека станало збор за односите со Турција, кипарското прашање и ситуацијата на Блискиот Исток.
Каселакис ја изразил неговата загриженост „за провокативните турски дејствија“, нагласувајќи дека дијалогот со Анкара „треба да се промовира врз основа на искреноста, меѓусебното почитување и меѓународното право, при што Грција јасно да ги постави своите црвени линии“, а паралелно ја повторил потребата од правично и одржливо решение на кипарското прашање согласно одлуките на Советот за безбедност на ОН.
Дополнително, лидерот на СИРИЗА се осврнал и на итната потреба од прекин на огнот во Газа и го повторил ставот дека е потребно признавање на палестинска држава со источен Ерусалим како главен град.
Лидерот на ПАСОК, Никос Андрулакис по средбата со Герапетритис, на која присуствуваше и одговорниот за надворешна политика во партијата Димитрис Манѕос, рече дека разговарале детално за прашањата што се однесуваат на земјата, но и на меѓународните случувања.
Рече дека „50 години по трагедијата на Кипар сите треба да придонесеме за продолжување на дијалогот врз основа на резолуциите на Организацијата на Обединетите нации“, посочувајќи го ставот на партијата дека „Европската Унија треба да има активно учество во дијалогот“ и истакнувајќи дека „во никој случај не треба да се дозволи да се наметне агендата на Ердоган за поделба на островот“.