Првиот човек на албанското Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК), Алтин Думани, презентирајќи го извештајот за 2023 година пред народните избраници, рече дека во текот на извештајната година запленет е имот во износ од 41 милион евра стекнат од криминални активности.
Шефот на Специјалното обвинителство нагласи дека во „главниот град и приморските градови криминалните групи главно се повеќе ориентирани кон перење пари“.
-Анализата на криминалните пазари во Албанија покажува вознемирувачка ситуација со активните групи во градовите како Тирана, Драч, Валона, Ѓирокастро, Фиер, Скадар, Елбасан, Курбин и Фуш Круја. Во Тирана и другите крајбрежни градови, криминалните групи главно се повеќе ориентирани кон перење пари, што се врши преку вложување во движен и недвижен имот, како и преку депонирање пари на банкарски сметки на трговски друштва или нивни роднини. Во однос на перењето пари, инвестициите во движен и недвижен имот се главните начини во Албанија, особено во станови, згради и услужни единици во Тирана и туристичките области, нагласи Думани.
Имавме, посочи тој, и случај на меѓународна криминална организација која имаше за цел да пере пари преку софистицирани шеми во Албанија, но органите на прогонот соработуваа и стана можно да се заплени голема сума пари и да се гонат некои од членовите на структурираната криминална група.
-Истрагите од 2023 година покажуваат дека криминалните групи се софистицирани и вклучени на меѓународните пазари на тешки дроги и имаат доминантна позиција. Овие групи се активни и на меѓународните пазари. Загрижувачки треба да се смета и софистицираната активност на криминалните групи кои работат со кол-центри, кои ги мамат граѓаните на ЕУ, посочи Думани.
Според него, шверцот со наркотици е проблем во Драч, Валона, Ѓирокастро, Фиер и Курбин. Во Скадар, Драч, Лач и Фуш Круја, евидентирана е корупција на правосудните службеници, додека убиствата и обидите за убиства се чести во Драч, Фуш Круја, Фиер, Валона, Скадар и Елбасан. Во Фуш Круја се врши трговија со оружје, распрскувачки материи, но и украдени автомобили кои служат како орудие за извршување убиства, објасни тој.
Инаку, и денешната пленарна седница ја карактеризираа тензични ситуации, предизвикани од опозицијата, кога нејзини пратеници се патуваа кон говорницата додека зборуваше Думани, поради што мораше да интервенира обезбедувањето, составено од претставници на Националната гарда.