Вкупната надворешно-трговска размена на Србија со стоки во 2023 изнесувала 65,49 милијарди евра, што претставува пад од 1,7 отсто во однос на 2022 година, јави дописникот на МИА од Белград.
-Извозот на стоки во евра лани е зголемен за 3,7 отсто, а од друга страна увозот е намален за 5,5 отсто. Како резултат на тоа, трговскиот дефицит изнесува 8,2 милијарди евра, што е за 27,9 отсто помалку од 2020 година. Следствено, покриеноста на увозот со извоз од 77,7 отсто е поголема од покриеноста во истиот период од претходната година кога изнесуваше 70,6 отсто, соопштија од Републичкиот завод за статистика.
Надворешо-трговската размена со стоки беше најголема со земјите со кои Србија има потпишано договори за слободна трговија. Земјите-членки на Европската унија учествуваат со 59,7 отсто од вкупната размена. По ЕУ, втор најважен блок е ЦЕФТА, со кој Србија оствари трговски суфицит од 2,94 милијарди долари, што е главно резултат на извозот на електрична енергија, жито и нивните производи, пијалоци, нафта и нафтени деривати, како и патнички возила.
Поединечно, најмногу стоки Србија извезла во Германија, за 4,3 милијарди евра, а од оваа земја се увезени и најмногу стоки - 4,8 милијарди евра. Според извозот, втора по важност земја е БиХ со 1,97 милијарди евра извоз, потоа Италија со 1,8 милијарди, Унгарија со 1,56 и Романија со 1,4 милијарди евра. Според увозот, зад Германија е Кина со 4,5 милијарди евра, потоа Италија со 2,7 милијарди евра, Турција со 1,7 милијарди и Русија со 1,6 милијарди евра. Извозот на Србија изнесува 4,77, а увозот 1,83 милијарди долари, покриеноста на увозот со извоз е 260,3 отсто. Изразено во евра, извозот изнесува 4,41 милијарди, а увозот 1,69 милијарди.