Земјите од регионот и денеска се под метеоролошки предупредувања за топлотен бран. Во цела Црна Гора и БиХ, како и делови од Хрватска е прогласено црвено предупредување за топлотен бран, а предвидените температури на места ќе достигнат и над 40 Целзиусови степени.
Кога станува збор за Хрватска, најтопло утрово беше во Дубровник, 27,5 степени. Хрватските метеоролози прогнозираат дека жештините ќе продолжат и во вториот дел од неделата, особено на Јадранот, додека во внатрешноста почестите врнежи ќе донесат времено освежување, кое особено ќе биде изразено во петок.
Републичкиот хидрометеоролошки завод на Република Српска издаде предупредување поради продолжување на топлотниот бран на целото подрачје. Температурата на воздухот денеска ќе се движи до 42 Целзиусови степени.
Црвеното предупредување има и на територијата на целата Федерација Босна и Херцеговина, а температурите во Мостарскиот регион ќе достигнат околу 42 Целзиусови степени, во вишеградскиот регион максимална температура на воздухот ќе се движи меѓу 37 и 42 степени, а на планините околу 30 степени.
Граѓаните се повикуваат да преземат мерки на претпазливост во текот на најтоплиот дел од денот и да не се изложуваат на големи напори. Посебно предупредувањето се однесува на постарите лица и лицата со нарушено здравје и децата. Не е исклучена појава на невреме во планинските предели.
Во цела Црна Гора е прогласен црвен аларм поради многу топол бран, со тоа што попладне локално може да се очекува облачност. Максималната температура се прогнозира од 36 до 43 степени, а УВ индексот ќе биде висок - 10.
Многу топло време со температури околу и над 41 степен денеска ќе има и на територијата на Северна Македонија, а исто време се предвидува и за наредните денови. Поради топлотниот бран Владата одлучи бремените жени и лицата над 60 години да бидат ослободени од работни обврски до четврток. На работодавачите им се препорачува да ги реорганизираат работните активности за да се избегнат градежните и другите физички активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а градинките да не ги изнесуваат децата надвор во тој период од денот