Косовската влада го промовира денеска „Прозорецот за инвестиции на дијаспората“, кој претставува кредитната програма од која може да има корист косовската дијаспора заинтересирана за инвестирање во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Овој фонд, како што информриа премиерот Албин Курти на свеченоста по повод неговата промоција, се очекува да достигне вредност до 100 милиони евра, додека гаранцијата за инвестициските кредити ќе биде до 3 милиони евра.
- Во февруари 2021 година ветивме правично и демократско владеење, нови политики кои ќе го променат имиџот. Инвестицискиот прозорец го олеснува финансирањето на проекти и им овозможува на бизнисите на иселениците да се прошират во Косово. Ќе може да се гарантираат инвестициски кредити до 3 милиони евра, додека целиот прозорец се очекува да достигне до 100 милиони евра. Имаме многу случаи кога нашите сонародници се враќаат да инвестираат во Косово, да работат овде, бидејќи Косово нуди добри услови, изјави Курти, додавајќи дека „иселениците ќе донесат вештини, можности и работна култура од земјите во кои моментно живеат“.