Владата на Косово до 18 јули ќе достави коментари до Европската унија за начинот на спроведување на планот и редоследот на чекорите за спроведување на договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, потврдија високи претставници на Владата на Косово, пренесе Бета.

-Владата на Косово ќе достави писмени коментари за документот за секвенцискиот план, во наведениот рок, односно на 18 јули, на барање на емисарот (Мирослав) Лајчак. Континуирано, во текот на минатата и оваа година, нашата страна презентираше конкретни предлози и коментари за секоја точка, план за редослед на верзии, докажување на конструктивност, како и подготвеност и волја за спроведување на договорот, изјави за РТВ21 советникот на шефот на преговарачкиот тим на Косово, Клисман Кадиу.

Кадриу рече и дека за целосно да се спроведат договорите потребен е истиот пристап од другата страна, кој според него „за жал досега недостигаше“.

Потпретседателот на косовскиот парламент од редовите на Демократската партија на Косово Енвер Хоџај изјави дека не гледа волја на Владата да го спроведе договорот за нормализација на односите со Србија.

Според неговите зборови, премиерот Албин Курти во присуство на меѓународни претставници во Брисел и Охрид ветил дека ќе ги спроведе точките од договорот, а сега бара потпис на договорот и анексот, пренесе Бета.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/07/2024 19:23