Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер му честиташе на Косово по отворањето на „Прозорецот за инвестиции на дијаспората“, оценувајќи дека „отворањето на оваа платформа создава работни места преку нови вештини и за подигање на профилот на државата“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Изразувајќи задоволство што неговата влада помогнала да се отвори платформата, Ховениер рече дека кога претприемачите од дијаспората се враќаат во земјата, тие тука го носат со себе најдоброто.
- Владата на САД е горда што помогна во воспоставувањето на оваа нова програма, бидејќи ја разбираме ретката можност што ја имаат бизнисите од дијаспората. Кога претприемачите од дијаспората се враќаат во земјава, тие го носат најдоброто овде...Со отворањето на оваа платформа се надеваме дека ќе поддржиме повеќе вакви успешни приказни, се отвораат нови работни места, рече Ховениер.
Тој рече дека ова е ретка можност бизнисите од дијаспората да дојдат да инвестираат во земјава и „да ги носат најдобрите и најсовремените идеи од земјите во кои живеат“.
- Дозволете ми да ве охрабрам да ја развиете оваа инвестиција, да ги поттикнете, да ги привлечете да ги покажат своите вештини и да инвестираат во Косово. Да се промовира економскиот раст на Косово и да се овозможи просперитетна иднина на Косово. Сакаме да видиме економија која овозможува просперитет за сите граѓани на Косово. Ова е можност и предизвик, тука сме да ја поддржиме државата Косово да го прифати и успешно помине овој предизвик, рече Ховениер.
Косовската влада го промовира денеска „Прозорецот за инвестиции на дијаспората“, кој претставува кредитната програма од која може да има корист косовската дијаспора заинтересирана за инвестирање во земјата.
Овој фонд, како што информира премиерот Албин Курти на свеченоста по повод неговата промоција, се очекува да достигне вредност до 100 милиони евра, додека гаранцијата за инвестициските кредити ќе биде до 3 милиони евра.
- Инвестицискиот прозорец го олеснува финансирањето на проекти и им овозможува на бизнисите на иселениците да се прошират во Косово... Имаме многу случаи кога нашите сонародници се враќаат да инвестираат во Косово, да работат овде, бидејќи Косово нуди добри услови, изјави Курти.