Шефот на Канцеларијата на Европската унија во Косово, Томаш Суниог, изјави дека Косово треба да го испрати меѓународниот нацрт за Заедницата на општини со српско мнозинско (ЗСО) на оценка до Уставниот суд и дека трите државни лидери ветиле дека ќе ја формираат, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното интервју за порталот „Економија онлајн“, Суниог рече дека формирањето на ЗСО е меѓународна и правна обврска на Косово, на која земјата се согласи во 2013 година, а која беше ратификувана и од Собранието на Косово со уставно мнозинство.

Тој потсети дека ЕУ го предложила нацртот за ЗСО, за што рече дека премиерот Албин Курти бил подготвен да го потпише и прифати во октомври минатата година.

Суниог нагласи дека овој нацрт ги почитува црвените линии на двете страни и дека треба да биде испратен до косовскиот Уставен суд.

- ЗСО е обврска на Косово, што не е нешто ново. Нејзиното формирање беше веќе договорено во 2013 година. Овој договор беше ратификуван и од Собранието на Косово со уставно мнозинство. Значи, од оваа гледна точка, тоа е меѓународна обврска на Косово, но и домашна законска обврска е формирањето на Заедницата. Ние како Европска Унија предложивме нацрт. Моето разбирање е дека премиерот Курти всушност беше подготвен да го прифати овој нацрт и да го потпише минатиот октомври. Значи, од оваа гледна точка, сметаме дека ова е добар нацрт, со почитување на црвените линии на двете страни. Сметаме дека треба да се земе и да се испрати до Уставниот суд на начин што ќе биде прифатлив и Уставниот суд може да одлучи за ова, рече Суниог.

Амбасадорот на ЕУ во Косово изјави дека тројцата шефови на државата, претседателката Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и собранискиот спикер, Глаук Коњуфца, во заедничкото писмо потпишано и испратено до Советот на Европа, ветиле формирање на ЗСО.

Поради тоа, рече тој, Заедницата треба да се формира и колку побрзо тоа се направи, според него, толку подобро ќе биде за напредокот на Косово на патот кон членство во ЕУ.

- Но, повторно, ова е само прв чекор во процесот на формирање на ЗСО. И повторно, моето разбирање е и дека во ова заедничко писмо потпишано од претседателката, премиерот и претседателот на Собранието, испратено до Советот на Европа минатиот мај, тројцата уставни лидери на Косово всушност ветија формирање на Заедницата. Затоа мислам дека ова е нешто што треба да се направи. Колку побрзо тоа се направи, толку подобро за напредокот на Косово на патот да стане членка на ЕУ, рече тој.

Запрашан за трите услови што ги постави премиерот Албин Курти на последната средба за дијалог во Брисел, Суниог рече дека многу состаноци и дискусии за спроведување на договорите се навистина важни за Косово.

Тој рече дека договорот постигнат во Брисел е јасно договор заснован на меѓународното право.

- Значи, од оваа гледна точка, мислам дека постои јасен интерес на Косово, но, се разбира, и јасен интерес на Србија всушност да постигне целосна нормализација, што значи, пред сé, имплементација на договорот од февруари 2023 година, но и сите други досегашни договори. И ова е нешто што треба да се направи што е можно поскоро. Така што, од моја гледна точка, повеќе средби, повеќе дискусии и повеќе договори се навистина важни за Косово, изјави Суниог за „Онлајн економија“



Автор: Администратор
Објавено на: 16/07/2024 22:38