Изјавата на министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас за време на неговата посета во Република Кипар предизвика реакција во Турција и соопштение од турското Министерство за одбрана, по што реагираше, исто така со соопштение и грчката страна, јави дописничката на МИА од Атина.
Дендиас од Никозија во понеделникот рече дека се навршуваат 50 години од „хунтистичкиот државен удар на Кипар“ што отвори „задна врата за упаѓачот кој демне“ истакнувајќи дека е црна годишнина.
Од Министерството за одбрана на Турција преку соопштение „силно ја осудија лажната и клеветничка изјава на грчкиот министер за одбрана Дендиас, насочена кон кипарските Турци и херојската турска армија“ и посочија дека „благодарение на храброста и присуството на турската војска, на Кипар нема крвопролевање од 1974 година“.
- Турската армија и во иднина ќе биде гарант за мирот и спокојството на Кипар, како што беше во минатото и сега. Го повикуваме грчкиот министер за одбрана да престане да се обидува да ја поткопа заедничката позиција на лидерите на двете земји, која има за цел унапредување на односите меѓу Турција и Грција на конструктивен начин. Напорите на господинот Дендиас да направи политичка кариера со сеење раздор меѓу турскиот и грчкиот народ нема да дадат резултати, соопштија од Министерството за одбрана на Турција.
На ова со соопштение одговорија од Министерството за национална одбрана на Грција.
- Искрено жалиме што министерот за национална одбрана, Никос Дендиас, за време на неговата неодамнешна посета на Кипар, испушти да им се „заблагодари“ на турските сили на инвазија и окупација за нивните „услуги“ во одбраната на принципите на Повелбата на Обединетите нации, територијалниот интегритет на Република Кипар, заштитата на човековите права и демократијата, соопштија од Министерството за одбрана на Грција.