Србија ветила дека нема да продава литиум на кинеските производители на автомобили и дека кога ќе развие едно од најголемите наоѓалишта на тој метал во светот, предност ќе имаат европските автомобилски компании како Мерцедес-Бенц, Фолксваген и Стелантис, пренесе Бета пишување на ФТ.

Како што пишува Фајненшл тајмс, српскиот претседател Александар Вучиќ се обврзал на ова во интервју за Ханделсблат, неколку часа пред средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Белград, каде што е потпишан Меморандум за разбирање за создавање стратешко партнерство со ЕУ која вклучува критични суровини, синџири на вредност на батерии и електрични возила.

Се очекува дека развојот на наоѓалиштето Јадар, на северозапад од Србија, ќе даде значителен поттик на европската индустрија за електрични возила. Вучиќ вели дека Србија ќе произведува 58.000 тони литиум годишно или 17 отсто од побарувачката во ЕУ. Тоа би било доволно за 1,1 милион електрични автомобили, според ФТ.

Вучиќ рече дека кинеските производители на автомобили изразиле интерес за купување на литиум. „Но, ние им кажавме дека разговараме за тоа со Европејците. Ние сме лојални на Европа... На ЕУ и треба литиум и ние сакаме да ги зајакнеме нашите односи со ЕУ“, додаде тој.

ФТ потсетува дека Србија го прекина проектот за ископ на литиум пред две години, но сега ќе му даде зелено светло на Рио Тинто за неговиот развој, бидејќи доби гаранции за еколошките стандарди во рудникот.

Западните функционери го гледаат оживувањето на договорот со Рио Тинто и вклучувањето на ЕУ како важен сигнал за геополитичката усогласеност на Србија во време кога на земјата и се додворуваат Кина, Русија и земјите од Персискиот залив, истакнува ФТ.

Весникот потсетува дека Србија е кандидат за членство во ЕУ повеќе од една деценија, но процесот на пристапување е забавен поради загриженоста на Брисел за владеењето на правото, корупцијата и статусот на Косово. Исто така, Србија е една од двете европски земји кои не воведоа санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, се додава во тексто.

Вучиќ рече дека земјата добила „позитивен фидбек“ од нејзините разговори со европските производители на автомобили, вклучувајќи ги Мерцедес, Фолксваген и Стелантис.

Германската автомобилска индустрија ја поздрави одлуката на Србија да го развие рудникот. Хилдегард Милер, шеф на VDA, главното германско авто лоби, го опиша тоа како „важен и вистински сигнал“ за обезбедување на суровините потребни за европските електрични возила.

Сепак, противењето на проектот за литиум е се уште силно во Србија, додава ФТ и наведува дека опозициското еколошко движење Крени-Промени, кое ги блокираше патиштата и автопатите пред две години за да ја принуди владата да го прекине проектот, предупреди дека рудникот ќе води до „еколошко уништување на Србија“.

Се известува и за резултатот од истражувањето Нова српска политичка мисла, дека повеќе од половина од Србите се против рудникот за литиум. Само една четвртина го поддржува проектот, се додава, иако тој број се зголемува на 33 отсто кога ќе се земат предвид еколошките гаранции од Германија и ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/07/2024 17:48