Пренесувајќи го ставот на најголемата албанска опозициска партија, Демократската, пратеничката Ина Жупа, рече дека резултатите од пописот од 2023 година не ги признаваат бидејќи се манипулирани.
Според Жупа, Владата интервенирала во Пописот со тоа што не ја покажала реалноста а споредбата со податоците на Евростат „покажуваат дека пописот бил изманипулиран по барање на владата"
Посочи дека Пописот од 2023 година навистина не ја покажува состојбата на населението во Албанија, правејќи споредба на податоците на ИНСТАТ и оние на Евростат.
- Споредбата на податоците дадени од Евростат за Албанија, велат дека има 900 илјади албански граѓани, кои меѓу двата пописа ја напуштиле земјата. Но, тоа се само во земјите од Европската Унија, почнувајќи од оние кои имаат дозвола за престој, од оние кои бараат азил, односно целиот опсег, не вклучувајќи ги оние кои се во Велика Британија, САД или Канада. Деветстотини илјади не ги одразуваат податоците што ги покажува ИНСТАТ, кој тврди дека станува збор за 400 илјади, додаде таа.
За демократите има и други индиции кои го прават пописот неверодостоен.
-Прелиминарните резултати секогаш се објавуваа во рок од два месеца, а конечните резултати во рок од 6 месеци а сега прелиминарните по 8 месеци а конечните е најавено за наесен. Од ИНСТАТ велат дека за 12 години во Албанија се изградени само 70 илјади станови. Значи, ИНСТАТ не ги гледа овие кули, овие палати, овие градби на крајбрежјето, овие одморалишта, овие резиденции? За попишувачите се набавија таблети, а пописот се правеше со хартиени формулари, обвини Жупа.
Претходно пописните резултати не ги признаа албанската афтикефална православна црква и католичката црква, бидејќи сметаат дека бројките во однос на верската припадност не се реални.
Со заедничка декларација пописните резултати не ги признаа и осум од девет малцинства (освен бугарското) признати со законот од 2017, Македонците, Грците, Власите, Србите, Црногорците, Бошњаците, Египќаните и Ромите, поради, според нив, нереалната бројка по етничка припадност и јазик.