Министерката за правда на Косово, Албулена Хаџиу вели дека владата на Србија има удел во некои од бегствата на затвореници од косовските затвори со цел да се наруши јавниот, правниот и уставниот поредок на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Реагирајќи на случајот со Фатон Хајризи, кој во петокот беше убиен од полицијата во Србија, откако претходно уби еден и рани уште еден полицаец, Хаџиу во објава на Фејсбук нагласи дека некои бегалци од косовските затвори наоѓаат засолниште во државата Србија и сето тоа, според за неа, е намерно и организирано.

Таа вели дека оваа информација ја добила од безбедносните служби на Косово.

- Важно е да се истакне фактот дека бегството на некои лица по кои трагаат одговорните институции во Република Косово се одвива само во една насока: на територијата на Србија. Информациите на нашите органи сугерираат дека барем во некои случаи овие бегства биле креирани, организирани, коорганизирани и олеснети од криминални групи поврзани со структури на моќ на територијата на Србија, напиша Хаџиу.

Оваа организација, според неа, се состои во давање гаранција дека „на таквите лица, територијата на Србија, тамошните криминални групи и одредени нивоа на моќ им нудат заштита од кривично гонење во Република Косово“.

- Заштитата не е дадена само со неекстрадиција туку и со каква било информативна соработка со органите на правдата на Република Косово. Таквата поддршка е несомнено намерна, организирана и поврзана со цел да се наштети на јавниот, уставниот и правниот поредок на Република Косово. Нудењето на територијата на Србија како штит против гонењето на кривичните органи на нашата Република му служи на криминалот и отворено придонесува за нарушување на институционалната и правната стабилност на Република Косово. Систематската зачестеност на овие случаи во овој период нема друго значење освен агресивната политичка цел на нашиот северен сосед, напиша Хаџиу.

Таа побара домашна и меѓународна истрага за организацијата и коорганизацијата на бегствата на затворениците, притворените и оние кои ги бара правдата во Косово, на територијата на Србија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/07/2024 04:00