Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека минатогодишниот основен договор со Србија во Брисел е уште еден од моментите преку кои успеа „да се материјализираат карактеристиките на независната држава Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Споменувајќи дека во понеделникот се навршија 14 години откако Меѓународниот суд на правдата (МСП) утврди дека „прогласувањето на независноста на Косово не претставува кршење на меѓународното право“, Курти рече дека договорот што го постигна со српскиот претседател, Александар Вучиќ минатата година, ги вклучува принципите на кои се заснова овој наод на МСП.

– Основниот договор од Брисел од 27 февруари 2023 година е следниот момент преку кој беше можно да се материјализираат карактеристиките на независната држава Косово според принципите на меѓународното право, на кои се заснова советодавното мислење на МСП, вклучително добрососедството, еднаквоста на суверените, почитувањето на независноста на другите, признавањето и заштитата на територијалниот интегритет, правото на самоопределување на народите и другите принципи од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации, рече Курти на денешната седница на Владата.

Косовскиот премиер пред членовите на неговиот кабинет зборуваше и за јакнењето на државата и државноста на меѓународната сцена.

- Јакнењето на косовската држава и нејзината државност на меѓународна сцена знаеме дека не е автоматски процес, туку бара време и труд, посветеност и храброст. Време, посветеност и волја потребни се и за добри внатрешни политики за доброто на граѓаните, рече Курти



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2024 04:44