Хрватската Влада на денешната седница ќе донесе Одлука за висината на основицата за пресметување плати на државните функционери која ќе се зголеми на 947,18 евра бруто, односно за 83,45 отсто, додека платите на претседателот на државата, Владата и Собранието ќе се зголемат за околу 70 проценти, јавија хрватските медиуми.

Основицата за плата на државните функционери во моментов изнесува 516,29 евра, но по седницата на Владата денеска - таа ќе изнесува 947,18 евра, што претставува зголемување од 83,45 отсто, јави ХРТ.

Резултатот од таа одлука ќе биде зголемување на платите, меѓу другите, на претседателите на трите најважни политички институции во државата. Премиерот Андреј Пленковиќ за својата работа ќе добие 5.535 евра (+69,6 отсто), наместо досегашните 3.263 евра нето. Платата на претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ се зголемува од 3.113 на 5.314 евра (+70,7 отсто), додека новата плата на претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ ќе изнесува 6.074 евра, што е 68,7 отсто повеќе од претходните 3.600 евра.

На повисока плата може да сметаат и парламентарните претставници и министрите, за околу 1.500 евра. Така, нивната плата во иднина ќе изнесува околу 4.000 евра, во зависност од други фактори.

Според Владата, државните службеници не биле вклучени во зголемувањето на платите во државната и јавната служба, па тоа довело до непропорционалност меѓу висината на платите и висината на одговорноста. Така, платата на министерот, најодговорното лице на чело на секој сектор, изнесувала околу 2.500 евра, додека на главните секретари на министерството (3.270 евра), директорите на администрацијата (3.130 евра) и раководителите на сектори (2.630 евра ) земале поголема плата од него.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2024 17:03