Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денеска изјави дека целта на иницијативата на министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ за прекинување на полициската соработка меѓу Србија и Босна и Херцеговина е да се бараат причини за заострување на односите со Србија, бидејќи се што работи претседателот Александар Вучиќ е на тапет и станува еден вид на однос кон Србија, без разлика на темата, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ за ТВ Пинк изјави дека зад тоа се крие намерата да се предизвика постојана нестабилност, да се нападне Србија и да се бара алиби за да се претстави Србија како земја со хегемонистички тенденции.

-Денеска Конаковиќ праша зошто Вучиќ толку многу се залагал против Резолуцијата за Сребреница. Тој очекува ние да се радуваме на неа и затоа тоа треба да е причина зошто треба да биде против она што го предлага Србија, рече Дачиќ.

Тој изјави дека Србија има такви договори за полициска соработка со сите земји од регионот и дека нема ништо спорно во таа соработка, како и дека се планира да се потпише идентичен договор со Италија.

-Тука никогаш немаше проблем бидејќи Договорот ги предвидува параметрите на политичката соработка и тоа е еден стандарден договор за соработка што постои со сите други, рече Дачиќ.

Дачиќ потсети дека минатата недела Србија ја посети министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Панче Тошковски, со кого Србија има Договор за полициска соработка и во која во моментов има четворица полицајци од Србија - два за општи надлежности и двајца за кривични.

-Министерот рече дека се радува на ваква соработка, сакавме да испратиме двајца полицајци, а тој побара четворица. И обратно, што би ми пречело кога нивни полицајци би биле присутни во Србија, кога имаат наши граѓани кај нив и нивни граѓани кај нас, праша Дачиќ.

Тој додаде дека во Црна Гора има шест српски полицајци, а наскоро слична практика ќе се заживее и во Италија.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/07/2024 16:04