Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска со директорот на Управа за хидрометеоролошки работи, Игор Лазаровски потпиша Договор за користење на финансиска поддршка за санација на радарски центри и метеоролошки станици за заштита на опремата и подобрување на условите за работа на вработените во износ од 1.000.000 денари.
Како што соопшти МЗШВ, со овој износ од еден милион денари, целокупната поддршка на УХМР од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во текот на годината изнесува 13 милиони денари.
Финансиската поддршка се доделува во висина од 100 отсто од вредноста за санација на радарски центри и метеоролошки станици за заштита на опремата и подобрување на условите за работа на вработените во висина не повеќе од 1.000.000 денари со вклучен ДДВ.
-Целта на овој Договор е санација и модернизација на радарски центри и метеоролошки станици. Само преку редовно информирање може да се предупреди за евентуалните непогоди кои што можат штетно да влијаат врз земјоделието, појасни министерот Трипуновски.
Тој додаде дека преку активната соработка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со Управата за хидрометеоролошки работи може да допринесе подобрување на метеоролошкиот систем во државата.