Вработени во Јавното комунално претпријатие „Брегалница" Делчево во присуство на претседателот на СУТКОЗ Стојанче Кашикоски, денеска излегоа на мирен протест. Причина за протестот, како што истакна Дарко Гоцевски претседател на СО на СУТКОЗ при делчевското комунално претпријатие, е да го искажат својот револт, заради, според него, доведувањето во прашање на егзистенцијата на вработените, кои не можат да си ги остварат единствените законски права од работен однос, односно не добиваат плата.

Како единствен репрезентативен синдикат во комуналните дејности СУТКОЗ, како што кажа Гоцевски, бил и ќе остане заштитник на работничките права и затоа од градскиот парк каде се одржа најавениот протест јавно побараа одговор од страна на градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски на нивните барања.

- Бараме редовна исплата на платите на вработените со цел да не се доведе во прашање нивната егзистенција и загрозување на здравјето на истите поради немање на здравствено осигурување. Да престане со деструктивната политика кон ЈКП Брегалница и да почне редовно да ги сервисира обврските кон претпријатието, Бараме уште на оваа седница на Совет да биде ставена точката на дневен ред која уредно во законски предвидениот рок, јас како претседател на СО на СУТКОЗ при ЈКП Брегалница Делчево, беше доставена до сите релевантни страни. Бараме итно разрешување на раководниот кадар на ЈКП Брегалница од причина што неговото недомаќинско работење го доведе претпријатието во вака тешка состојба, рече Гоцевски.

Синдикалната организација на СУТКОЗ при Јавното комунално претпријатие „Брегалница", согледувајќи ја настанатата ситуација во јавното комунално претпријатие, а согласно законската регулатива, општиот колективен договор за комунални дејности, Општиот колективен договор за вработени во јавниот сектор и статутот на СУТКОЗ, побараа истотака од страна на градоначалникот Трајковски да донесе одлука за покривање на загубите од рабоетењето на ЈКП Брегалница- Делчево, како основачи на истото.

- Бидејќи одлуките за избор на директор, за членови на Надзорен одбор и членови на Управен одбор при ЈКП Брегалница се во ваша надлежност, Вие како основач на претпријатието одговарате и сте должни, согласно закон, да ги надоместите загубите со цел непречено и навремено извршување на работите на претпријатието, а со оглед на обврските од својот делокруг на работа на претпријатието да го заштитите здравјето на жителите на Општина Делчево. Во спротивно доколку не постапите по ова Барање, свесно од ваша страна го ставате работењето на ЈКП Брегалница на милост и немилост, ќе ги оставите вработените без редовните примања кои се единствен извор за егзистенција на нивните фамилии, се додава во соопштението од протестот испратено до градоначалникот на Делчево.

Претседателот на СУТКОЗ Стојанче Кашикоски додаде дека поради според него недомаќинското работење на комуналното претпријатие, како СУТКОЗ ќе ги преземат сите законски мерки кои им стојат на располагање и со нивниот правен тим ќе им помогнат да ги земат своите плати кои ги имаат заработено.

Во писмениот одговорот од делчевскиот градоначалник Трајковски кон претставниците на СУТКОЗ и нивното доставено барање тој ги извести дека согласно законот Управниот одбор на јавното претпријатие е тој, кој одлучува за употребата на средства остварени со работењето на јавното претпријатие и покривањето на загубите.

- Дополнитено членот 30 од Законот за јавните претпријатија на кој се повикувате во самото Барање за покривање на загуби, исклучиво се однесува на вишокот на средства остварени од работењето на јавното претпријатие врз основа на детални финансиски планови, во кој согласно став 5 јасно е пропишано дека основачот за вишокот на средствата кои се уплатени во буџетот на општината или градот Скопје, може да донесе одлука да се покријат загубите на друго јавно претпријатие или да се уплатат на посебна сметка со намена за финансиска поддршка и развој за вршење дејност од јавен интерес на правно лице основано од општината или град Скопје, истакна Трајковски.

Оваа одредба на која се повикуваат од СУТКОЗ, според Трајковски, во конкретниот случај е неприменлива бидејќи на сметката на општината ниту има уплатени средства по овој основ, ниту општината има друго јавно претпријатие со вишок на средства остварени од работење, за истите со одлука на основачот да ги покрие загубите на ЈКП, „Брегалница" Делчево.

- Законот за јавните претпријатија јасно пропишува дека средствата за работењето и развојот на јавното претпријатие се обезбедуваат од приходите кои тоа ги остварува со сопственото работење, од кредитните средства и од други извори во согласност со закон. До денес општина Делчево како основач на ЈКП, Брегалица" Делчево има отстапено на користење голем број движни и невижни ствари, има аплицирано и добивано проекти кои заедно со јавното претпријатие се реализираа се со цел непречено функционирање и вршење на дејностите што се од јавен интерес, меѓутоа општината работи со определен лимит на парични средства кои се неопходни за нормално функционирање на основните задачи и дејности и не е во можност да обезбеди парични средства по овој основ, додаде Трајковски во писмениот одговор.

Како синдикална организација при ЈКП „Брегалица" Делчево, Трајковски напомена дека СУТКОЗ треба да ги штити правата на вработените согласно законите и колективните договори во рамките на претпријатието спогодбено, со цел да се намалат судските и извршните постапки кои дополнително ги зголемуваат трошоците на јавното претпријатие и го доведуваат претпријатието до блокирана сметка.

Во однос на протестот, директорот на делчевското Јавно комунално претпријатие Стојче Стојчевски изрази негово видување дека на собирот биле изнесени многу невистини од говорниците, од според него, само ним познати мотиви.

- Плаќањата во ЈКП Брегалница Делчево се вршени во предвидените рокови секој месец, со само еден исклучок. Во текот на овој месец, се повеќе вработени во ЈП поднеле налози за итна наплата, а по овие налози блокирани се стотина сметки на ЈП за наплата средства за вршење на работите, но по претставка од вработените, вакво решение се одлучува по жалба подолго време, истакна Стојковски

Сметајќи дека исплатата на плати и надоместоци има приоритет пред присилната наплата на други побарувања, тој има поднесено изјава за исплата на плати на вработените до УНИ банка и во Делчево и лично до архивата во седиштето во Скопје, за што приложи и соодветен документ.

- Тие не одговорија на нашето писмено барање и не го реализираа. Очекуваме во најкраток можен рок надлежните судови да донесат одлука за утврдување на минималните средства со кои веднаш ќе се исплати платата за месец септември 2024 година.Друга работа што треба да се забележи, додека директорот нема никакви барања во писмена форма. А за квалификациите и заканите кон мене не ги коментирам, сите се знаеме во Делчево, додаде Стојковски заклучувајќи дека ги разбира барањата на вработените за исплата на плата и дека се прават сите напори истата што побрзо да може да се исплати

Претседателот на Советот Гоце Попов, на денешната Седница пред советниците рече дека ќе се разговара на таа тема и на самиот Совет, но по разгледувањето на состојбата од страна на Управниот одбор во претпријатието, кој е најповикан за согледување на состојбите во претпријатието, а потоа по уредното доставување, точката со сите потребни податоци може да се најде на дневен ред на следната седница.

Доколку не се прифатат барањата во најкус можен рок, СУТКОЗ како што беше заклучено на денешниот протест, ќе ги превземе сите можни законски мерки за исполнување на правата од работен однос и ќе побара кривична одговорност од надлежните институции за раководната структура на претпријатието.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/10/2024 17:16