Советот на општина Пустец, на која присуствуваше и градоначалникот Пали Колефски, ја поддржа иницијативата на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, за поставување биста на Борис Малевски, првиот учител во Мала Преспа.
- Петнаесетчлениот совет донесе едногласна одлука. Поддршка даде и градоначалникот Колефски, за што во име на Македонците изразуваме голема благодарност. Бистата ќе биде поставена во дворот на училиштето „Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиевски“ во село Пустец по повод 80-годишнината од изучувањето на мајчиниот македонскиот јазик во Преспа и како напор да се оддаде и овековечи споменот за Борис Малевски, првиот учител по македонски јазик од ова наше сакано подрачје, рече за МИА, Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.
Стерјовски, кој исто така присуствувал на седницата, додава дека советниците нагласиле дека тоа е најмалку што може да направат за неговиот особен придонес и оти ќе послужи не само како почит на учителот Малевски, туку и како извор на инспирација за сегашните и идните генерации, овековечувајќи ги вредностите што тој ги застапувал.
Борис Малевски, на сите познат како учителот Боре, е роден на 20 септември 1914 година во село Глобочени, починал на 21 јануари 1979 година во Пустец, во соработка со учители Македонци кои дошле од Македонија во 1944 година, ги поставил темелите на наставата по мајчин македонски јазик во областа на Преспа.
- Сметаме дека поставувањето на оваа биста ќе биде додадена вредност за македонската заедница и за зајакнување на нашата културна меморија, нагласи Стерјовски.
На 4 мај минатата година, исто така по иницијатива на МАЕИ, беше поставена спомен – биста на македонскиот великан Гоце Делчев, на плоштадот во Пустец, што од 2008 година го носи неговото име.
- Гоце Делчев е фигура која зазема централно место во колективната меморија на Македонците во нашата општина. Поставувањето на неговата биста на плоштадот кој го носи неговото име не само што е знак на почит, туку и потсетник на неговите идеали и наследство, изјави тогаш Колефски, за МИА по донесената едногласна одлука на Советот.
Бистата беше донација од партијата а е дело на авторот Зоран Тошевски од Скопје