Во Палатата на правдата во Белград денеска се одржуваат две рочишта против родителите на детето масовен убиец, Владимир и Миљана Кецмановиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
Првото рочиште се одржува по приватна тужба поднесена од наставничката по историја, Татјана С., за надомест на нематеријална штета, додека второто рочиште се одржува врз основа на обвинението на Вишото јавно обвинителство во Белград поради сомнение дека тие сториле кривични дела за кои им се закануваат затворски казни.
На 25 октомври, Вишото јавно обвинителство во Белград до Вишиот суд во Белград поднесе проширување на обвинението против Владимир и Миљана Кецмановиќ поради сомнение дека извршиле запуштање и злоупотреба на малолетно лице. Адвокатите на Кецмановиќ за ова рочиште побараа и добија одложување, заради запознавање на одбраната на родителите за проширување на обвинението, со кое малолетниот убиец К. К добива статус на оштетен.
На првото рочиште наставничката по историја, Татјана С. сведочеше дека тој ден кога го слушнала пукањето мислела дека се петарди и палави деца, но следниот момент слушнала крици и сфатила дека е многу посериозно.
Како што објасни, некој ја отворил вратата од училницата, а таа немала време ниту да се сврти, туку веднаш била погодена во стомакот, поради што паднала на земја.
- Слушнав пукотници на местото на злосторството, во училницата, лежев таму и не видов ништо. Рацете ми беа крвави. Мислев дека тогаш не ја изгубив свеста, но ја изгубив, изјави Стевановиќ.
Таа додаде дека на подот видела уште едно дете кое било повредено и бледо, а кај неа дошла девојка да се скрие и дека ја прегрнала.
Стевановиќ објасни дека тогаш слушнала дека наставник по географија влегол во училницата, дека едно дете и кажало дека К.К. пукал, што не можела да поверува.
Полицијата ја извадила на носилки и додека минувале низ ходникот ги видела како лежат мртви девојчињата.
На прашањето од судот за раните што ги добила, Стевановиќ рече дека еден куршум и влегол во стомакот и застанал кај колкот, додека имала прострелни рани во двете раце, кои, како што изјави, не знае како ги добила.
Во болница поминала осум месеци, од кои шест била неподвижна, бидејќи колкот и бил повреден од едната страна, а од другата страна отокот и го притискал нервот и не можела да се движи.
Таа прецизираше дека денес и пречат работи како огномет, ненадејни ситуации и оружје во филмовите.
Следното судење е закажано за 10 јануари кога се повикани обвинетите Миљана и Владимир Кецмановиќ.
Ова е петта тужба во граѓанска постапка против родителите на малолетникот К.К., кој на 3 мај минатата година уби девет негови врсници и еден чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“