Зоолошката градина од јужно чешкиот град Табор поднесе жалба до Европската комисија поради новата регулатива во Словачка со која се олабавуваат правилата за контролиран отстрел на мечки.
Според директорот на Зоолошката градина, Евжен Корец, ваквиот нивни потег се должи на фактот кафената мечка е заштитен вид во Европската Унија, која троши многу пари за заштита на сите загрозени животински видови.
- Словачка тргна по патот на средниот век, кога беше вообичаено да се пука во се што се движи во шумата и е само малку повлакнесто од човекот, изјави Корец, додавајќи дека според него, масовното убивање на загрозените видови претставува варварски чин.
Корец оцени дека Словачка избрала да го игнорира европското законодавство, нарекувајќи го словачкото Министерство за животна средина, кое е предлагач на новите правила за отстрел на мечки - „Министерство за непромислено истребување“.
Во мај годинава Словачка ги измени правилата за отстрел на мечки, по регистрирањето на зголемен број напади на овие животни врз луѓе во земјата.
Со новите правила, кога мечка ќе биде забележана како се приближува до населено место, во тој реон може да биде прогласена вонредна состојба, како во случај на земјотрес или терористички напад.
По усвојувањето на новите правила словачкиот министер за животна средина Томаш Тараба изјави дека успеале „да го надминат големиот правен проблем“ што спречуваше отстрел на мечка во случај ако таа не извршила напад врз лице.
- Повеќе нема да треба да реагираме по нападот. Отстрелот ќе се врши превентивно и однапред во интерес на заштита на животот, здравјето и имотот на граѓаните, рече Тараба.
Според правилата на ЕУ, за да биде овозможен отстрел на заштитен вид на животно, потребно е тоа да „покажува проблематично однесување“.
Иако оваа одредба повеќе не важи во словачките правила, Европската комисија реши да ги одобри во замена за, како што се тврдеше тогаш, поддршка од Словачка за Предлог-законот за обнова на природата, кој беше одобрен со тесно мнозинство благодарение на гласот „за“ на Братислава. Комисијата тогаш ги отфрли ваквите тврдења како инсинуации.
Во пресрет на изборите за шеф на државата во март и за Европскиот парламент во јуни годинава, проблемот со нападите на мечки стана еден од главните политички теми. Екстремно десничарската Словачка национална партија (СНС), од чии редови доаѓа и Тараба, обвини дека проблемот со мечките се должи на одлуките на „бирократите во Брисел и на зелените правила на ЕУ“.
Според проценките, во Словачка има меѓу 1.000 и 1.300 кафени мечки. По стапувањето во сила на новите правила, словачкото Министерство за животна средина издало околу 100 дозволи за отстрел на мечки, при што веќе се убиени 86.