Со литургија одржана во црквата Успение на Пресвета Богородица во Делчево, денес се одбележа 21 година од хиротонијата во епископски чин на епископот делчевско-каменички г.Марко. На литургијата присустуваа митролитот Врањски г.Пахомиј, владиката Јакоб Стобиски и други свештеници и свештенослужители од Брегалничката и Делчевско-каменичката епархија.
-Голема чест ми направивте што дојдовте овде да ја споделиме радоста која ја изразуваме преку благодарност кон Бога, а таа благодарност ја изразуваме преку литургијата која е единствената христијанска благодарност кон Бога. Радоста не не напушта, заради заедничарењето со Господ, кој заради сите нас воскресна и нас не воскреснува за живот вечен. Би сакал да се заблагодарам на митрополитот г.Пахомиј кој и покрај лошото време, пристигна, за да оддаде почит на нашата хиротонија која се случи пред 21 година во Врањската епархија. Исто така благодарност до владиката Јакоб, градоначалникот на Македонска Каменица и сите останати кои присуствуава денес во храмот во Делчево, рече г.Марко.
По завршувањето на Божествената литургија верниците се причестија со светите Христови тајни, а потоа следуваше промоција на џебниот молитвеник.
-Во пресрет на Св.Климент Охридски кој е заштитник на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија ќе имаме промоција на нашиот молитвеник. Ова е само една најава за она што ќе следува, а денеска на годишнината од хиротонијата на г.Марко ќе ви го претставиме џебниот молитвеник за духовна поддрка на верниците во нивното секојдневие. Содржи молитви и мисли прилагодени за верниците со вредности и за духот и за телото, истакна протоереј Александар Васев.
За следната година најавија поплодоносна година во однос на издаваштвото под покровителство на епархијата.