Рубен Аморим минатиот месец го наследи Ерик тен Хаг како тренер на Манчестер јунајтед, запознаен со фактот дека нема лесно решение на проблемите, но по победа во дербито со Сити минатиот викенд, тој може барем да истакне една успешна приказна досега.
И покрај нивната неодамнешна лоша форма, малкумина очекуваа дека Јунајтед ќе обезбеди позитивен резултат против актуелниот шампион во Премиер лигата, Манчестер Сити, кој во дербито бр. 195 со своите соседи влезе со само една победа на десетте последни меѓусебни дуели (вклучувајќи седум порази).
Во градското дерби, црвениот дел од Манчестер и фановите ширум светот славеа откако „црвените ѓаволи“ се вратија од заостанување за во последните секунди да излезат како победници (1:2).
Се чинеше малку веројатно дека Јунајтед ќе најде начин да се врати во игра, но Амад Диало, веројатно нивниот најдобар фудбалер, изнуди прекршок што доведе до пенал во 88. минута. Капитенот Бруно Фернандеш успешно го реализираше пеналот, а само неколку моменти подоцна, Диало беше подготвен да прими долга топка од Лисандро Мартинез. Со неверојатен прв допир, тој создаде време и простор потребни за резултатски пресврт.
Нема сомнение дека Диало беше најистакнатиот играч на Јунајтед по доаѓањето на Аморим. Откако Португалецот застана на чело, Диало директно придонесе за шест гола во Премиер лигата, креирајќи четири асистенции и постигнувајќи два гола. Подобар учинок има само Мохамед Салах, со пет гола и три асистенции. Диало може да се пофали со најголем број асистенции во Премиер лигата (четири), не вклучувајќи го пеналот што го изнуди вчера.
Во оваа форма, многу малку играчи можат да му парираат, иако константноста е клучна. Диало долго време се смета за следната ѕвезда на Јунајтед. Со менаџер кој го поддржува уште од првиот ден - го искористи како крилен бек пред да го претвори во еден од двајцата офанзивни играчи од средниот ред на Јунајтед во формација 3-4-2-1 – можеби нема да помине долго пред да биде рамо до рамо покрај Ко Палмер, Салах и Букајо Сака.
Во однос на дербито, овој резултат е огромен поттик за Аморим, и не само затоа што ќе ги собере навивачите на негова страна и ќе ги натера играчите да веруваат во неговите методи. Најголемата работа е што, особено со тоа што Диало е ѕвезда на шоуто, го оправдува неговиот однос кон Маркус Рашфорд и Алехандро Гарначо.
Без разлика дали се согласувате со неговата одлука да ги остави надвор од тимот за неделниот натпревар или не, неговото објаснување го дава тонот за остатокот од тимот на Јунајтед.
Тоа им кажува дека не е важно кој сте, ако не сте добри на тренинзите, ако не играте доволно добро или не се однесувате на вистинскиот начин, нема да бидете во неговиот тим. Тоа испраќа огромна порака до играчите за последиците од лошите игри, што неговиот претходник, Ерик тен Хаг, не го правеше доволно често.
Така, во секој поглед, неделата беше брилијантен ден за Аморим. Ќе остане запаметен како „дербито на Диало“, но може да биде уште позначајно за менаџерот на Јунајтед понатаму.
Сквавка/Би-Би-Си