Фудбалерот на Баерн Минхен, Џошуа Кимих, потпиша нов договор со тимот од Минхен, што значи дека ќе остане во Баварија уште најмалку четири години.

Темата за продолжување на соработката меѓу актуелниот германски вицешампион и репрезентативецот со месеци жестоко се дебатира, а нејзиниот епилог во изминатиот период наизменично го коментираа и двете страни.

Речиси четири месеци не беше познато што го чека играчот од средниот ред во лето, а неговото заминување во друг европски гигант изгледаше како се пореална опција.

Фудбалерот, кој е член на Баерн од 2015 година, на новинарите по триумфот во Леверкузен (2-0, вкупни 5-0) и пласманот меѓу осумте најдобри тимови во Европа, изјави дека сагата дефинитивно има среќен крај.

-Новиот договор дефинитивно ќе дојде во следните неколку дена. Невозможно беше да се фокусираме на тоа во последно време поради големиот број на натпревари, рече капитенот на „панцирите“.

Кимих во четвртокот потпиша за продолжување на престојот во Минхен барем до летото 2029 година, што клубот предводен од Винсент Компани го потврди на социјалните мрежи.

-Во Баерн ја имам најдобрата средина за да ги постигнам моите спортски цели, мојата одлука се заснова на тоа. За мене моментално нема подобар пакет соиграчи, стручен штаб, клупска средина за да бидам максимално успешен. Овде се чувствувам како дома, уште не сум завршил, вели задоволно Кимих.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2025 03:45