Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, денеска оствари работна средба со раководниот тим на локалната самоуправа и со претставниците на урбаните заедници. Повод за денешниот состанок беше неодамнешната координативната средба која се одржа помеѓу раководниот тим на Општина Карпош и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на која присуствуваа и директорите на Јавните претпријатија кои се под надлежност на Градот. Притоа, беше договорена соработка помеѓу општинските служби и јавните претпријатија од Град Скопје, која ќе резултира со заедничка акција што ќе се реализира идниот месец, (април).
Првиот човек на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски беше детално запознаен со проблемите на граѓаните во секоја локална средина, при што предложи координирани задачи, со цел навремено и ефикасно решавање на проблемите.
-Во идниот период со Јавните Претпријатија на Градот Скопје, како што се „Водовод и канализација“, „Паркови и зеленило“, Јавното сообраќајно претпријатие“ и „Комунална Хигиена“, максимално ќе работиме на санирање на секој проблем, или аномалија која се појавила а е во наша надлежност за решавање. Општина Карпош, во континуитет со сопствени средства се грижи за чистотата и хигиената на територијата на локалната самоуправа, како и за заштита на постојното, односно посадување на ново зеленило. Редовно засадуваме нови дрвја и садници и ги уредуваме жардиниерите, долж главните булевари кои транзитираат низ нашата Општина, но сега во соработка со овие јавни претпријатија, уште повеќе ќе ја подобриме нашата ефикасност на теренот - нагласи општинскиот татко, Стевчо Јакимовски.
На состанокот присуствуваше и шефот на кабинетот на градоначалникот Јакимовски, Петар Теов, кој ги информираше вработените во урбаните заедници, за тековните состојби на теренот со напомена за постојано, совесно и исполнително завршување на работните обврски. Исто така, заменик- раководителот на Секторот за финансиски прашања при Општина Карпош, Никола Николовски, ги информираше претставниците на урбаните и месните заедници за нивната тековна обврска која подразбира, годишните даночни пријави да бидат уредно доставени до карпошани.