Како дел од континуираните активности за заштита на животната средина, со засадување на повеќе листопадни и зимзелени садници на пешачко рекреативната патека Марино-Кадино, Општина Илинден почна со реализација на проектот „Со зеленило против загадувањето“, што ќе трае во текот на месец март.
Во реализацијата на овој проект се вклучија повеќе граѓани, ученици, младинци, пензионери, бизнис секторот, општинските комунални претпријатија и општинската администрација.
Со активностите од проектот за озеленување се опфатени 20 локации на површина од 60.000 м2, каде што е предвидено да бидат засадени 1000 садници.
Целта на овој проект е преку озеленување на јавните површини во урбаниот дел на Општината, односно покрај пешачко-велосипедските патеки, површини покрај општински улици и патишта, просторот околу домовите на култура, училишните дворови, просторот околу детската градинка, површини околу спортските терени и останати јавни површини, да се придонесе за подобрувањето на квалитетот на воздухот, унапредувањето на животната средина, како и подобрување на условите за живеење и квалитетот на живот во локалната заедница.