Стрип центар на Македонија со седиште во Велес го објави јавниот конкурс за интернационалниот стрип натпревар, што се организира во рамки на 15-тиот (јубилеен) Интернационален стрип салон „Велес 2017“, а кој ќе се одржи во средината на октомври. Крајниот рок за поднесување на стрипови е 20 септември 2017.

Ване Трајков извршен директор на Стрип центар на Македонија со седиште во Велес, информира дека пратените стрипови нема да бидат вратени.

– Со самото испраќање организаторот се стекнува со право да ги објавува и презентира заедно со авторите во рамки на промоција на своите активности – изложби, промоции, ревија СТРИП КРЕАТОР и друго. Авторите што ќе испратат свои стрипови влегуваат во комбинација за обезбедување на пат, сместување и исхрана во текот на 15 Интернационален салон на Стрип „Велес 2017“, појаснува Трајков.

Според него Интернационалниот стрип салон во Велес,другите интернационални проекти, како и издавачки активности на СЦМ -Велес, имаат клучно влијание за стимулирање на македонската стрип сцена.

– На стрип конкурсот во 2015 година беа пристигнати дотогаш рекордни 228 дела од 42 земји ширум светот. Додека во 2016 година тој број уште повеќе се зголеми и изнесуваше 254 пристигнати дела од сите континенти. Споредено со други сродни активности, посебно од регионот, тоа претставува солидна бројка, бидејќи овој салон е наменет само за стрип. Освен квантитетот на добиени стрипови од странство интензивно се зголемува и интересот меѓу македонската стрип сцена. Постојано се појавуваат нови имиња кои го бараат своето место под „македонското стрип небо“. Посебно се зголемува соработката со училиштата и културни асоцијации од сите средини на Македонија, појаснува Трајков.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/03/2017 14:24