Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, Сашо Коруновски, и претседателот на Државната комисија за спречување на корупција-ДКСК, Игор Тантуровски, денеска во Ректоратот на УКЛО потпишаа договор за соработка фокусиран на можноста студентите да добиваат знаења за брзо препознавање на корупцијата и нејзино спречување.

Ректорот Коруновски рече дека силни институции создаваат силен систем, а доколку меѓу себе соработуваат тогаш, рече тој, системот освен силен станува и функционален.

– Договорот значи соработка и вклучување на студентите и нивно запознавање со процесите на функционирање на ДКСК но во исто време и обезбедување соодветна едукација. Системот го штити едукацијата, односно спознавање на одредени негативни појави за што ќе се вклучат лица од ДКСК со клинички предавања или други работни средби на кои ќе се пренесат искуства од борбата против корупцијата, истакна Коруновски.

Според Игор Тантуровски. Државната комисија за спречување на корупција со потпишаниот договор ќе придонесе во превенција во борбата против корупцијата.

– Нашата заедничка цел е во рамки на нашите можности да влијаеме на идните академски граѓани да создадат правилна слика за тоа што значи корупцијата и што значи борбата против корупцијата. Овој современ феномен во денешни услови претставува рак-рана во сите општества, тоа е нешто што тешко се искоренува, но нашата работа има за цел да се превенираат овие дејствија и да можат идните академски граѓани да бидат што поимуни на ова големо зло, истакна Тантуровски.

Потпишувањето на дговорот меѓу УКЛО-Битола и ДКСК ќе овозможи повеќе директни средби меѓу студентите и претставниците на ДКСК со пренесување на студии на случај, предавања и други форми на пренесување искуствени знаења.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/03/2017 01:26