Во организација на Форумот за авангардна уметност од Прилеп и на локалната самоуправа синоќа во Прилеп гостуваше „Ехо фестивалот на планински филм“. Во киното „Мис Стон“ синоќа пред прилепската публика беа претставени најдобрите остварувања на документарен планински филм, а во галеријата „Борко Лазески“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше отворена изложба на фотографии на фестивалите кои преку годината се организираат во Прилеп во болдеринг, мото крос и планински велосипедизам.
Според Александар Зарапчиев од организацијата на „Ехо фестивалот на планински филм“ целта е да се поттикнат сите ентузијасти да истражуваат и да уживаат во природата и нејзините убавини.
– Ние во тимот сме алпинисти, планинари, параглајдеристи и осма година го организираме фестивалот на кој има работилници, предавања, но и избор на надобри кратки и долгометражни документарни планински филмови. Сакаме сите ентузијасти да ги поттикнеме да се занимаваат со овие предизвици, но не инцидентно туку долгорочно. Филмовите се приказ на тоа до каде сме ние со тоа, но и што се случува во светот. Претставувањето на најдобрите филмови од Фестивалот почнува од Прилеп, кој нуди многу фестивали и натпреварувања и ќе бидат претставени низ цела Македонија, рече Зарапчиев.
Советникот за култура во општина Прилеп Снежана Ристеска изложбата на фотографии дава уште еден увид на се што Прилеп нуди како фестивали и натпреварувања преку целата година, но и на можностите што ги има природната околина.
– Фотографиите кои се изожени се дел од „outdoor фестивалите“ кои се одвиваат на територијата на Прилеп. Знаеме дека поднебјето на градот и околината изобилува со прекрасен терен кој го препознаваат многу вљубеници на природата, така што овде ги имаме во текот на целата година како што се: болдерингот, маратонот во планинско трчање, велосипедизмот, мото-крос натпревари, натпреварите со џипови, рече Ристеска.
Во киното „Мис Стон“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ беа прикажани наградените филмови: „Том“ од Анхел Естебан и Елена Гоатели од Италија, „Џоко и планината“ на триото Подлешанков, Каракаш и Видановски од Македонија, „Гранитни Алпи“ на Руслан Вакрилов од Бугарија, „Крис Бонингтон – живот и искачување“ на Виничио Стефанело од Италија и „Слобода под товар“ на Павол Барабош од Словачка.
Фестивалот во Македонија се одржува осум години, а последното издание беше во октомври. / МИА.