Сите политички партии и институции мора да им отворат пат на демократските процеси во Македонија, бидејки тоа е избор на граѓаните.

Домашната и меѓународната јавност очекуваат државничко однесување од страна на Собранието на Република Македонија и од страна на институцијата претседател на државата, кои мора да овозможат составување нова Влада.

Околу 700.000 граѓани избраа промени на кредибилни избори и на демократски начин составија парламентрано мнозинство од 67 пратеници и таа мнозинска волја на граѓаните е обврска за сите да се преточи во институциите на системот.

Претседателот Заев кој ја доби нивната поддршка излезе со Програмата на новата реформска Влада, којашто ги гарантира унитарноста и суверенитетот на Македонија, и oбезбедува квалитетен живот на граѓаните, владеење на правото, социјална кохезија и евро-атлантска перспектива на државата.

Недозволиво е, Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ да ја негираат мнозински изразената волја на граѓаните на избори, да лажат по медиумите под нивна контрола и да ги вознемуруваат граѓаните со етнички прашања што не се содржани во Програмата, да поттикнуваат меѓунационална омраза и нетрпелливост, во обид за спас од личната одговорност за криминалите и злоделата вршени изминатите 10 години.

Слушна јавноста во Македонија од пратеник од Европскиот парламент, кој беше дојден во Македонија заедно со еврокомесарот Хан, дека Никола Груевски бил решен да оди “до крај“ затоа што не сакал “да оди во затвор“.

Ова е потврда од самиот Груевски на се што предупредуваме, дека тој исклучиво за лични интереси ја продлабочува политичата криза. Недозволиво е граѓаните и Република Македонија да бидат заложници на стравовите на Груевски.

СДСМ како сериозна партија ќе продолжи внимателно да ги движи демократските процеси. Низ институциите на системот, ќе биде избран новиот претседател на Собранието и тој ќе го извести Ѓорге Иванов дека е должен веднаш да му го даде мандатот на претседателот Заев, за состав на новата Влада.

На Македонија и е потребно брзо решение на политичката криза. Нема да дозволиме поединци вмешани во криминал да ја дестабилизираат Македонија и да ги вовлекуваат во опасност граѓаните и нивните семејства.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2017 16:39