Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со партиска делегација во чиј состав се членовите на Извршниот комитет Никола Попоски, Никола Тодоров, Влатко Ѓорчев, и секретарот за меѓународна соработка Александар Николоски присуствуваше на Конгресот на Европската Народна Партија кој се одржува во Малта.
Груевски, како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, присуствуваше на политичката сесија на Европската Народна партија каде се избра новиот потпретседател на народната партија Рафал Трашкоски од Полска.
Присуството на Конгресот Груевски, стои во соопштението, го искористил за остварување билатерални средби и разговори со повеќе политичари кои се дел од семејството на Европската народна партија која е највлијателна сила во Европската Унија.
Меѓудругото Груевски остварил средба со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, со Јанез Јанша од Словенија, со домаќинот на Конгресот и самитот на ЕПП на Малта, претседателот на Националната партија на Малта Симон Бустил, со федералниот министер за земјоделство на Сојузна Република Германија и секретар за финансии на ЕПП Кристијан Смид и други политичари и влијателни луѓе од политичкиот естаблишмент на европско ниво.
Груевски по средбите и разговорите истакнал дека престојот во Малта го користи за промовирање на националните и државни интереси, но и за информирање на позициите и ставовите поврзани со актуелната состојба во државата.
– Деновиве заедно со партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ сум присутен во Малта пред се поради Конгресот на Европската Народна партија каде сме асоцијативни членки, но и поради билатерални средби со многумина политичари пред почетокот на работа на Конгресот, но и за време на конгресот, и веројатно ќе има средби до крајот и завршувањето на Конгресот. Се обидуваме секаде каде можеме да лобираме за Република Македонија за државните и национални интереси. Многу е значајно кога ќе им се каже од прва рака на присутните она што е важно за Република Македонија и за нејзината иднина, напредок, евроатланските интеграции и интереси. Истовремено информираме за се она што се случи во Република Македонија на политички план и се она со што народот, граѓаните на Република Македонија се соочуваат во овој период. Има луѓе кои не се запознати со случувањата и потребно е некој да ги информира и објасни. Нашето присуство е важно за лобирање за стратешките интереси на државата, но и за актуелната политичка ситуација, изјавил Груевски.