„Кризата ја носи земјата наназад и ваша задача е да најдете решение што ќе биде засновано на демократски принципи, пристојност и на здрав разум. Само такво решение ќе биде одржливо. Кога ќе го најдете, можете да сметате на нашата поддршка“, изјави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, на заедничката прес-конфренција со својот домаќин, претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

Како што рече Туск, ова е одговорот на писмото што Иванов на почетокот на март го испрати до него, до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и до претседателот на САД, Доналд Трамп.

– Овде дојдов со силна порака од лидерите и од институтциите на ЕУ. Посветеноста на ЕУ на вашата европерспектива е недвосмислена. Во вашата земја е потребно единство. Се надевам дека ќе избегнете сè што може да поттикне тензии, особено мултиетнички – рече Туск.

Иванов на прес-конференцијата истакна дека неговиот став останува непроменет и дека правната и политичката пречка мора да бидат отстранети за тој да го додели мандатот за формирање на владата.

– Мојата одлука е превентивна за да спречиме можни последници. Уценета влада значи нестабилна влада со краток век на траење – рече Иванов.

Тој истакна дека ЕУ е гарант на два договори во земјава – Охридскиот рамковен договор и Договорот од Пржино.

– Прва точка на дневен ред на партиите и на пратениците треба да бидат европските реформи, а не туѓи платформи, кои ја загрозуваат независноста на земјава, ги нарушуваат добрососедските односи, поттикнуваат тензии и бараат промена на Уставот. Затоа за Република Македонија ѝ се потребни европски реформи на туѓи платформи. Само реформите ќе ни помогнат да ги искорениме политичките кризи. Но, тоа не е само наш предизвик, туку и на добар дел од регионот. Затоа ЕУ треба да најде начин да ги отвори поглавјата 23 и 24 за судството, правото и за безбедноста – рече Иванов, додавајќи дека за да се спречи блокирањето на евроинтеграциските процеси, ЕУ треба да најде начин да се спречат уцените од билатералните прашања.

На средбата Иванов и Туск разговарале и за мигрантската криза, актуелните мигрантски движења и за заострените односи меѓу ЕУ и Турција.

Иванов и Туск изразија благодарност за соработката меѓу Македонија и Европската Унија во справувањето со мигрантската криза, која ќе продолжи и во иднина. / МЕТА



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2017 18:42