Интегрален текст од обраќањето на Претседателот Ѓорѓе Иванов по средбата со Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск.

Денеска, по трет пат за две години сум домаќин на Претседателот на Европскиот Совет, господинот Доналд Туск, кој е во посета на Република Македонија.

На самиот почеток, сакам да изразам јавна благодарност до Претседателот Туск за неговиот личен ангажман во справувањето со бегалската и мигрантска криза. Тој имаше големо разбирање за товарот што како држава го носевме во однос на мигрантската криза, особено за безбедносниот аспект на истата. Тој лично се ангажираше да ни помогне.

Претседателот Туск е искрен пријател на Република Македонија и поддржувач на нашите европски аспирации.

На нашата средба доминираше темата за заканата од илегална миграција со која се соочува Европа. Разговаравме и за политичката криза во Македонија по изборите во декември 2016 година.

Со претседателот Туск разменивме мислења и информации за мигрантските коридори, тензиите меѓу ЕУ и Турција, капацитетите на транзитните држави, но и за ризиците по регионалната стабилност од постојаната закана од мигрантски бран насочен кон Европа од Африка и Азија.

Во рамките на денешната посета, претставници на Агенцијата за разузнавање и Армијата на Република Македонија одржаа класифициран брифинг за развој на сценарија врз основа на степенот на ризик од заканата од илегална миграција и капацитетите со кои располагаме.

Повторивме дека Република Македонија е транзитна земја и дека останува на ставовите и барањата изнесени на состанокот на шефови на држави и влади во Брисел во октомври 2015 година.

На средбата искажавме интерес за правна рамка за партнерство со Унијата во однос на три прашања. Прво заштита на границите, второ, контратероризмот и трето, кризниот менаџмент во услови на блокада на ЕУ интеграцииите а во процес на обликување на идната безбедносна и одбранбена архитектура на Унијата.

Сакам да истакнам дека Република Македонија, како и досега, така и во иднина ќе дејствува во заштита на својата национална безбедност и сигурноста на своите граѓани. Но, истовремено, Македонија е чувар и на портите на Европа и повеќе од 19 месеци врши контрола на преминот за влез во најбрзиот мигрантски коридор што води кон Европа.

Мојата порака до Европската унија е јасна: помогнете ни, за да ви помогнеме. Помагајќи и на Македонија, си помагате себе си.

Со Претседателот Туск разговаравме и разменивме мислења и за актуелната политичка состојба во Република Македонија.

Детално го запознав со моите уставни овластувања како Претседател на Република Македонија, како и со воспоставената практика од 1992 година за определување на мандатар за состав на нова влада.

Во оваа прилика, сакам уште еднаш недвосмислено да порачам. Мојот став останува непроменет. Правната и политичката пречка мора да се отстранат. Целта на двата услови е новата Влада да не биде оспорена од ниту една страна и по ниту една основа. Мојата одлука е превентивна, за да спречиме штетни последици со кои би се соочиле. Уценета Влада е нестабилна Влада со краток рок на траење и штетни последици.

Ќе потсетам дека Европската Унија е гарант на само два договори – Охридскиот рамковен договор и договорот од 2015 година.

Оттука, императив за партиските лидери треба да биде спроведување на ургентните реформски приоритети. Прва точка на дневниот ред на партиите и пратениците треба да бидат европските реформи, а не спроведување на пост изборна платформа креирана во туѓи држави. Платформа со која се загрозува независноста на државата, се условува постигнување на парламентарно мнозинство, се уценува составот на нова влада. Се нарушуваат добрососедските односи со директно мешање во внатрешните работи во Македонија, се поттикнуваат тензии во меѓуетничките односи, се манипулираат граѓаните со прашања кои се надвор од рамковниот договор, се бара промена на Уставот. Затоа, на Република Македонија и се потребни европски реформи, а не туѓи платформи.

Како држава мора да се фокусираме на европските реофрми. Само реформите ќе ни помогнат да го искорениме коренот на политичките кризи. Но, тоа не е само наш предизвик, туку и на добар дел од регионот. Затоа, сметам дека Европската Унија треба да најде начин да ги отвори 23-то и 24-то поглавје за правосудството, основните права, правдата, слободата и безбедноста, и тоа за сите земји кандидати и потенцијални кандидати од регионот.

А за да се спречи блокирање на процесите, Европската унија треба да најде начин процесот на пристапување да не се злоупотребува за уцена при решавањето на билатерални прашања. Блокадата на евроинтеграцискиот процес на Република Македонија мора да прекине, и тоа час поскоро.

На крајот, уште еднаш, сакам да му изразам благодарност на Претседателот Туск за неговото разбирање, неговиот ангажман и неговата поддршка.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2017 18:47