Пратеници на СДСМ продолжуваат грубо да го злоупотребуваат Собранието на Република Македонија и да шират шпекулации кои немаат никаква врска со вистината. АД Електрани на Македонија уште еднаш нагласува дека сите јавни постапки, па и предметната за која денеска зборува господинот Васко Ковачевски е спроведена во целосна согласност со Законот за јавни набавки и со добиено одобрение од Советот за јавни набавки.

Ова го посочува АД ЕЛЕМ во реакција на денешната прес-конференција на Ковачевски на која обвини дека фирмата Марковски Компани, која, според него, е блиска до Сашо Мијалков, го добила тендерот од 290 милиони денари на РЕК Битола.

– Ние се уште го очекуваме Ковачевски да дојде во просториите на РЕК Битола со цел да му се овозможи целосен увид во документацијата за спроведената постапка. Доколку не сака да дојде, подготвени сме целиот предмет да му го испратиме по поштенски пат. Доколку увиди незаконски елементи во постапката, АД ЕЛЕМ е подготвено да преземе одговорност, но во случај да не најде, очекуваме негово јавно извинување. Во спротивно компанијата ќе ги преземе сите законски можности за поднесување тужба за клевета. Затоа, во понатамошниот период компанијата ќе се воздржи од јавна полемика со СДСМ за предметната тема, се вели во реакцијата од АД ЕЛЕМ.

Се додава дека АД ЕЛЕМ и понатаму останува максимално посветено на обезбедување сигурен енергетски сектор и ќе продолжи да носи одлуки кои ќе бидат во согласност со законите, како и со потребите на граѓаните и на стопанството.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2017 19:54