Решението за политичката криза во Македонија е на маса. Потребна е политичка волја за тоа да биде спроведено, Парламентот да биде оперативен, да се организира самиот, да избере претседател, а потоа да се избере и влада која ќе може да делува. Тоа е редоследот, возниот ред, не само за доброто на политиката, туку и за доброто на сите, економијата, општеството, граѓаните.
Ова го истакна германската амбасадорка Кристине Алтхаузер на денешната прес-конференција на која Македонско-германското стопанско здружение ги презентира резултатите од работењето во изминатата година.
Таа смета дека треба што побрзо да се избере претседател на Собранието, и како што наведе, убедена е дека тоа ќе се случи.
Според Алтхаузер, решението на кризата во однос на економијата е задоцнето.
– Предвремените парламентарни избори се одржаа пред четири месеци. Сите анализи покажуваат дека кризата негативно се одразува врз стопанството, забележан е пад на порастот на БДП, зголемен е фискалниот притисок, расте несигурноста и неизвесноста во приватниот сектор, се намалуваат инвестициите, а негативен е и порастот на одобрување на кредитите, посочи амбасадорката Алтхаузер.
Осврнувајќи се на резултатите на германските инвеститори во земјава што беа соопштени, истакна дека звучат парадоксално, но ја отсликуваат флексибилноста на Македонија и нејзината способност да се справи со политичката криза.